МЗ ќе спроведе вонреден инспекциски и стручен надзор за смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија
Оттаму апелираат да се почекаат наодите од надзорите и обдукцискиот извештај, кој е единствен релевантен за утврдување на причините за смртта, со цел да не се создава немир кај семејството и јавноста.

Министерството за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски и стручен надзор во врска со случајот со починато новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство. Надзорот го иницирал министерот за здравство Азир Алиу, најпрво преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.
Од Министерството изразија сочувство до семејството и информираа дека целта на надзорите е целосно утврдување на околностите и расветлување на случајот. Како што соопштија, институциите ќе постапуваат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста.
Оттаму апелираат да се почекаат наодите од надзорите и обдукцискиот извештај, кој е единствен релевантен за утврдување на причините за смртта, со цел да не се создава немир кај семејството и јавноста.
Во соопштението се наведува и дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна здравствена установа со законски пропишани протоколи за постапување, а јавноста ќе биде навремено информирана веднаш по добивањето на сите наоди.
