Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка, еден час пред собраниската седница
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка, еден час пред почетокот на собраниската седница на чиј дневен ред беше точката за негово разрешување. Рече дека функцијата ја извршувал чесно и достоинствено, заминува со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава.

Наместо собраниска расправа за негово разрешување, оставка. Државниот обвинител Љупчо Коцевски ги претрка пратениците и во пресрет на седницата за негова смена пресече – неотповикливо си заминува од функцијата. Тврди, иницијативата за разрешување била политички мотивирана и не сторил крупна професионална грешка како што тврди Владата.
Во кусото експозе за сработеното, Коцевски истакна дека во неговиот мандат ефикасноста на обвинителството е зголемена, а со минимум ресурси се затвориле истраги за високопрофилирани случаи. Ги издвои оние за наркоподземјето, злоупотребите на јавните пари, и ИПАРД фондовите, но и истрагата за трагедија во Кочани.
Претседателот на Собранието Гаши ја констатираше оставката.
Сега на потег е Советот на јавните обвинители, кој на итна седница до крајот на неделава ќе избере ВД државен обвинител додека и формално не се назначи наследник на Коцевски.
Анита Димитријевска - Велковска
