Вонреден инспекциски надзор во ГАК по починатото бебе на Одделот за неонатална интензивна нега
Инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе проверат дали се запазени пропишаните протоколи, а се чека и обдукцискиот наод.

Министерството за здравство нареди вонреден инспекциски надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство за расчистување на случајот со починатото бебе на Одделот за неонатална интензивна нега. Инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе проверат дали се запазени пропишаните протоколи, а се чека и обдукцискиот наод.
„Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект … Замолуваме да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход“, велат од Министерството за здравство.
Од ГАК информираат дека имаат законски пропишан протокол кој го следат во случај на смртта на новородено бебе. Протоколот предвидува разгледување на случајот на комисијата за квалитет, која во овој случај нема утврдено пропуст во третманот на новороденото.
„До добивање на наодот од обдукцијата клиниката не смее да преземе никакви понатамошни чекори во овој конкретен случај. Во однос на пријавата за несоодветно однесување на докторката во одредени моменти за време на работното време веднаш е постапено согласно препораката на началничката на одделението и истата е прераспределена на друго работно место“, соопштија од Клиника за гинекологија и акушерство.
Од СДСМ бараат оставка од директорката. Од ВМРО-ДПМНЕ со став, СДС да не го злоупотребува случајот со новороденчето за дневнополитички поени. И доколку се утврди каква било човечка грешка истите ќе бидат отстранети и ќе има одговорност за причинителите за несреќата.
Бебето се родило во 37 недела, на крај на септември, починало по неколку дена.
Наташа Јанчиќ-Менковски
