Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе го одбележи својот патронат со низа свечени и културно-академски настани
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје, денеска и на 19 декември ќе го одбележи својот патронат со низа свечени и културно-академски настани посветени на делото и значењето на Блаже Конески...

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје, денеска и на 19 декември ќе го одбележи својот Патронат со низа свечени и културно-академски настани посветени на делото и значењето на Блаже Конески.
Централниот настан ќе се одржи денеска со почеток во 13:30 часот, во Амфитеатар 3 на Филолошкиот факултет. Во рамки на програмата ќе бидат доделени плакети на пензионирани колеги од Факултетот, како и наградите од конкурсот за студентски есеј „Блаже Конески“.
Во продолжение ќе следи промоција на нови изданија на Филолошкиот факултет, меѓу кои списанието „Современа филологија“, Том 8, број 1 (2025), монографијата „Книжевни преведувачи од Филолошкиот факултет“, Зборникот во чест на деведесетгодишнината од раѓањето на проф. д-р Волфганг Моч, како и делата „Француско-македонски јазични паралели“, „Турската кинематографија – Историја, развој и влијание“ и „Циклусот за светулките на Матеја Матевски“.
Настанот ќе биде заокружен со повеќејазично поетско читање на студентите учесници на Преведувачката работилница, по што, во 15:00 часот, ќе следи пригоден коктел во Библиотеката за македонска книжевност и култура.
Според програмата во петок (19 декември) предвидено е полагање цвеќе на гробот на Блаже Конески, а на Филолошки факултет „Блаже Конески“ во 18:00 часот ќе бидат промовирани „Зборник Како си ми? бр. 9“ и „Островски 200 години“, по што ќе биде оржана студентска книжевна вечер „Протоѕвезда“ во чест на Блаже Конески.
