Преживеаниот напаѓач од Сиднеј се соочува со 59 кривични дела
Во Сиднеј ден на жалост, по најсмртоносното масовно пукање во земјата во последните три децении. На плажата Бонди беа убиени 15 лица. Трагедијата ја потресе целата нација и ги зголеми стравовите од растечки антисемитизам и насилен екстремизам. Навид Акрам, преживеаниот осомничен е обвинет за 59 кривични дела. Неговиот татко беше убиен …

Австралија во жалост додека се одржуваат првите погреби на жртвите од масовното пукање при прославата на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј. Рабинот Шлангер кој го организираше еврејскиот настан покрај морето, е еден од 15-те загинати. Роднините со горчина, тага и гнев се опростуваат од него.
„По она што се случи, најмногу жалам дека можев почесто да му кажувам колку го сакаме, колку го сакам, колку цениме сè што прави и колку сме горди на него. Се надевам дека го знаеше тоа“, вели рабин Јехорам Улман, роднина на рабинот Ели Шлангер.
Неколку часа по погребот на Шлангер, полицијата соопшти дека 24-годишниот напаѓач кој го изврши масакрот заедно со неговиот татко кој беше убиен, е разбуден од кома и е обвинет за 59 дела, вклучително убиство и тероризам, но обвинението против него ќе биде покренато кога ќе биде доволно свесен да расудува.
„Чекаме неговата медицинска состојба да биде соодветна за да го сториме тоа. Важно е да се осигураме дека е во состојба точно да разбере што се случува. Приоритет за полицијата е успешен прогон и правда за жртвите и ништо не може да застане на патот на тоа“, изјави Мал Ланион, комесар на полицијата на Нов Јужен Велс.
Властите ветуваат дека ќе направат сè што е потребно за да го искоренат антисемитизмот во земјата. Најавија заострување на законот за оружје и ограничување на протестите.
„Треба да извлечеме лекција и да преземеме посилни акции, законска промена за да го искорениме антисемитизмот од нашето општество. Да ја искорениме и злобната идеологија на она што, според истражителите, е напад инспириран од ИСИС“, рече Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
„Владата ќе го повика Парламентот на Нов Јужен Велс во врска со законодавството за огнено оружје, ќе разгледуваме и реформи со кои кога има ознака за тероризам во државата, полицискиот комесар може да не прифаќа барања за протести кои би можеле да дополнително да ја разгорат ситуација во државата“, изјави Крис Минс, премиер на Нов Јужен Велс.
Претседателот Трамп кој беше домаќин на забавата за Ханука во Белата куќа им оддаде почит на жртвите и повика за обединета борба против тероризмот.
„Сите нации мора да застанат заедно против злите сили на радикалниот исламски тероризам“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.
Израел бара западните влади да преземат повеќе мерки против антисемитизмот и да ги слушнат предупредувањата од Тел Авив. Масовните пукотнци во Австралија се ретки, но земјата доживеа низа антисемитски напади врз синагоги, згради и автомобили од почетокот на израелската војна во Газа.
Бојана Крстевски
