Култура

Раде Силјан е столб на македонската култура – одбележани 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга

17.12.2025 12:29

Настанот „Огледало на вековите“ беше во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, а како што беше кажано, двата јубилеја не се значајни само за творечката биографија на Силјан, туку и за македонската книжевност и култура и нивната историја.

Раде Силјан е еден од носечките столбови на македонската култура. Половина век, со неговото творештво, како еден од стожерните автори, тој ги исцртува магистралните текови на македонската книжевност. Силјан е полиграф што оствари и остварува голем дел од најзначајните културни мисии за Македонија, не само како поет, книжевен критичар и антологичар, туку и како уредник, издавач, оштественик и културен деец. Како книжевен критичар пак, тој е и сеизмограф што ги бележеше и ги бележи сите потреси во нашата книжевност, ги одбележа и издигна сите значајни автори за историјата на македонската книжевност, а секогаш посебно заинтересиран да ги поддржи младите. Сократовска, а јавна личност што создаде културен центар на македонската културна елита, што ќе остане забележано во историјата како една ретка појава. Раде Силјан е личност каква што треба да има секоја национална култура.

Ова се само дел од констатациите и пораките што беа искажани вчера на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на чествувањето 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните македонски автори на XX и XXI век, Раде Силјан.

Настанот „Огледало на вековите“ беше во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура, а како што беше кажано, двата јубилеја не се значајни само за творечката биографија на Силјан, туку и за македонската книжевност и култура и нивната историја. Библиотеката за македонска книжевност и култура беше претесна за да ги собере огромниот број почитувачи на ликот и делото на Силјан – академици, универзитетски професори, писатели, ликовни уметници, музичари, историчари, актери, дипломати, филозофи, лекари, режисери, политиколози, правници, педагози, економисти, теолози... И студенти, млади македонисти и воопшто млади книжевни истражувачи. Творештвото на Силјан ги обедини генерациите. Многумина и простум стоеја дури се беседеше за Силјан, се интерпретираа негови стихови и се водеше книжевен разговор со него.

Настанот го отвори деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски, по што присутните ги поздрави проф. д-р Трајче Стамески, раководител на Катедрата за македонска книжевност и култура, којашто и го осмисли и реализираше централното чествување на големите јубилеи.

За творештвото и културните мисии на Силјан, на настанот говореа универзитетските професори Кристина Николовска, Венко Андоновски и Весна Мојсова-Чепишевска.

На настанот, книжевен разговор со Силјан водеа студенти од Катедрата за македонска книжевност и култура, при што беа отворени повеќе важни прашања. Во своите одговори, Силјан, за првпат пред јавноста сподели и детали што се од клучна важност за македонската книжевна историја. Но, едновремено, не ја заборави својата книжевна генерација, како и своите претходници и упати пораки за птомците и за идните генерации творци.

Меѓу другото, на настанот беа презентирани и архивски материјали од најзначајните настани во творечкиот пат на Силјан. Премиерно беше прикажан и видео материјалот „Современиците за Раде Силлајн“ во продукција на Катедрата за македонска книжевност и култура, со учество на: потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Витомир Митевски, писателот и универзитетски професор, Веле Смилевски, писателите Милован Стефановски и Блаже Миневски и музичарот Драган Мијаловски. Искажувањата опфатени со овој материјал уште еднаш, дополнително говорат за подвигот што Раде Силјан го прави за Македонија со своите културни мисии. Покрај тоа, на настанот, студенти од Филолошкиот факултет интерпретираа и поезија од Силјан, а имаше и музичка програма со антологиски македонски музички нумери.