Кривичен суд

Домашен притвор за клиентот на Фехми Стафа, Љупчо Пецов – Ѓаволот

17.12.2025 12:49

Љупчо Пецов, познат по прекарот Ѓаволот, откако сам ѝ се предал на полицијата, наместо затворски, добил куќен притвор. Тој е еден од обвинетите во случајот „Синџир“. Беше недостапен за органите на прогонот, а во отсуство му беше изречена мерка притвор...

Откако екс-државниот правобранител Фехми Стафа заврши во притвор поради стекнување материјална корист од 50.000 евра, во притвор, но домашен е и неговиот клиент кого го бранел како адвокат, Љупчо Пецов – Ѓаволот. Тој самиот ѝ се предал на полицијата за која беше недостапен, а донел и медицинска документација дека здравствената состојба му е влошена. Поради тоа, но и поради безбедност на Пецов, е барањето тој да биде во куќен притвор со 24

„Со оглед дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогон и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која, истиот има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24 часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во постапката“, соопштуваат од Кривичниот суд.

На осомничениот кој подолг период беше во бегство одземени му биле и двете патни исправи. Претходно, во притвор заврши и неговиот адвокат, а поранешен правобранител Стафа, кој е осомничен дека зел мито од 50.000 евра од член на семејството на Пецов, наводно за да ги даде на апелациски судија и да издејствува куќен притвор наместо затворски во Шутка, иако судот веќе претходно имал донесено одлука.

Љупчо Пецов – Ѓаволот е еден од главноосомничените во предметот „Синџир“ за финансиски криминал и даночно затајување. Во предметот се опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 компании за кои постои сомнение дека преку мрежа на фиктивни фактури со ДДВ го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.

Миле А. Ристески