дибоградби

Се отстрануваат угостителски објекти, кои узурпираат јавни површини во Куманово

17.12.2025 18:17

Куманово започна со отстранување на угостителски објекти, кои узурпираат јавни површини. Налог за извршување има за четири објекти. Акцијата ќе продолжи. На листата за уривање се дури 600 објекти. Но за општината уривањето чини многу, а средствата тешко се враќаат...

Општина Куманово ги отстранува угостителските објекти, кои нелегално поставиле урбана опрема на јавни површини. Налог за извршување има за четири објекти. Акцијата ќе продолжи сè додека не се исцрпат предвидените средства.

Во моментов се постапува на објект во централното подрачје. Идниот месец ќе се опфатат уште два, а потоа и во поширокиот опфат.

Повеќето од сопствениците добиле решенија за отстранувања. Но откако не реагирале во предвидениот рок, им бил пратен налог. Можат да одлучат дали сами ќе ја отстранат опремата или ќе чекаат тоа да го стори општината, па да ги надмират трошоците.

„Доколку самиот сопственик со свои средства го спроведе решението за отстранување, средствата од буџетот на општината се користат за иста намена за други објекти“, информираат од Општина Куманово.

За уривањето од општинскиот буџет одвоени се три милиони денари. Граѓаните постојано бараат да се ослободат јавните површини. Реагираат дека не можат слободно да се движат.

Според првиот човек на Куманово, над 600 објекти се на листата за извршување. Но искуството од минатото, покажало дека уривањето чини многу, а средствата не се враќаат. Според проценките во Куманово функционираат над сто угостителски објекти.

Елена Георгиевска