Извршен надзор на ГАК, комисија ја скенира постапката на лекарскиот тим
Зад болничките врати институциите постапуваат по трагичниот случај со смртта на новороденчето на ГАК. Комисија ја скенира постапката на лекарскиот тим, истрага води и Обвинителството. Семејството револтирано, најави судска постапка.

Според податоците коишто инспекторите на ДСЗИ ги имале на увид, бебето било родено на 28-ми септември со царски рез, еден ден откако мајката била хоспитализирана како итен случај на Одделот за патолошка и високоризична бременост.
Машкото бебе четири часа по раѓање било префрлено на Одделот за интензивна нега поради проблеми со дишењето, му била дадена антибиотска терапија, било интубирано и приклучено на вештачка вентилација. Според извештаите, бебето било прегледано и од детски хирург и два пати било реинтубирано поради спонтана екстубација. Родилката на 1-ви октомври на свое барање ја напуштила Клиниката.
За случајот на ГАК се состанала и Комисијата за следење на квалитетот за здравствена заштита на клиниката на 14-ти и на 28-ми октомври. Семејството ќе ја бара правдата пред институциите, стручна комисија треба да го скенира случајот зад болничките врати. Обвинителство веќе оформи предмет за починатото новороденче.
Наташа Јанчиќ-Менковски
