НАТО: Зелено светло за сили за брзо распоредување

05.09.2014 17:32

Лидерите на НАТО се обврзаа членките да обезбедат и постојано воено присуство на источната граница менувајќи се во ротација. Во однос на ризикот што доаѓа од радикалните исламисти, Алијансата ќе чека барање од Ирачките власти...

Самоодбраната на Алијансата се зајакнува со повеќеилјадна трупа.Ќе може да се распореди за неколку дена и да дејствува од копно, воздух вода. Лидерите на НАТО се обврзаа членките да обезбедат и постојано воено присуство на источната граница менувајќи се во ротација. Во однос на ризикот што доаѓа од радикалните исламисти, Алијансата ќе чека барање од Ирачките власти за да помогне во, како што го нарекува, градењето капацитет за одбрана од терористичката ИСИС. Останува политиката на отворена врата во која се споменува Црна Гора и Грузија.

„Вратата на НАТО останува отворена, на секоја земја ќе и се суди според своите заслуги, а не трета земја да има право на вето околу проширувањето на НАТО. Секој аспирант треба да работи во различни сектори, а ние ќе има ја дадеме нашата поддршка“, нагласи генералниот секретар Расмусен.

На историскиот самит, како што го нарече Расмусен, сојузниците договорија сеопфатен и прилагоден сет мерки за помош на Украина вреден 15 милиони евра. Москва беше наречена агресор.Шефот на дипломатија Никола Попоски кој учествуваше на две сесии, ги истакнал придонесот на земјава во мисиите на НАТО и укажал дека проширувањето треба да се прави со почитување на меѓународното право.

„На голем дел од земјите- членки им е прилично непријатно, тоа што земја која е кандидат придонесува повеќе од некои земји кои се во клубот, а сеуште не може да ги ужива благодетите на членството во НАТО. Тоа беа пораки кои мислам дека на сите им беа јасни, а главната се однесуваше на тоа дека во овој момент придонесот на Македонија е многу позначаен од некој кој ја ужива таа привилегија“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

На доаѓањето беше најавен како министер за надворешни на Македонија што според Попоски е порака од земјите од  клубот на кои им значи меѓународното право, алудирајќи на хашката пресуда против Грција. Министерот за одбрана на една од сесиите рече дека земјава е подготвена да ги преземеме сите обврски и одговорности како полноправна членка на НАТО. Домаќин на следниот самит по две години е Полска.

 

Душко Арсовски, специјален известувач од Велс за МРТ