Украина

ЕУ Самит во Брисел за финансирањето на Киев

18.12.2025 09:26

На самитот учествува и претседателот Зеленски, кој бара поддршка за заем од замрзнатите руски средства што ЕУ реши да ги блокира сè додека Москва не ја прекине војната и не ја надомести штетата на соседот...

Европските лидери во Брисел одлучуваат за финансирањето на Украина. На самитот учествува и претседателот Зеленски, кој бара поддршка за заем од замрзнатите руски средства што ЕУ реши да ги блокира сè додека Москва не ја прекине војната и не ја надомести штетата на соседот. Тој ги повика сојузниците да ја зголемат помошта и порача дека Русија испраќа сигнали оти планира продолжување на војната и следната година.

„Повторно слушнавме од Москва дека се подготвуваат следната година да ја направат година на војна и овие сигнали не се само за нас. Клучно е нашите партнери да ги видат, и не само да ги видат туку и да одговорат, особено партнерите во САД кои често велат дека Русија сака да ја заврши војната“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Кремљ го очекува мировниот план од Берлин, додека Путин предупреди дека Русија ќе ги прошири придобивките во Украина ако преговорите пропаднат, негирајќи дека е закана за Европа.

„Доколку спротивставената страна и нивните странски покровители одбијат да се вклучат во суштински разговори, Русија ќе постигне ослободување на своите историски земји со воени средства. Подготвени сме да водиме разговори и да ги решиме сите прашања со мирни средства“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

САД подготвуваат нови санкции кон рускиот енергетски сектор за зголемен притисок врз Москва доколку Путин одбие мировен договор со Украина-објавуваат странски медиуми.