Оскарите од 2029 година ќе се емитуваат ексклузивно на Јутјуб
Еј-Би-Си ќе продолжи да ја пренесува церемонијата до 2028 година, кога ќе се одржи јубилејното 100-то доделување на Оскарите. Во периодот од 2029 до 2033 година, Јутјуб ќе ги поседува ексклузивните права за пренос во живо, станувајќи главна платформа за сите содржини поврзани со Оскарите – од црвениот тепих и Гувернерските награди, до објавувањето на номинациите.

Доделувањето на Оскарите, еден од најзначајните глобални медиумски настани, од 2029 година ќе се пресели од телевизијата Еј-Би-Си на дигиталната платформа Јутјуб, соопшти Американската академија за филмски уметности и науки.
Еј-Би-Си ќе продолжи да ја пренесува церемонијата до 2028 година, кога ќе се одржи јубилејното 100-то доделување на Оскарите. Во периодот од 2029 до 2033 година, Јутјуб ќе ги поседува ексклузивните права за пренос во живо, станувајќи главна платформа за сите содржини поврзани со Оскарите – од црвениот тепих и Гувернерските награди, до објавувањето на номинациите.
Свеченото доделување ќе биде достапно бесплатно за публиката ширум светот, со повеќејазичен аудиопренос и титлување. Според извршниот директор на Академијата, Бил Крамер, и претседателката Линет Хауел Тејлор, партнерството значително ќе го прошири глобалното достигнување на церемонијата и ќе ја доближи до нова, помлада публика.
Со оваа одлука, Оскарите стануваат први меѓу т.н. „голема четворка“ на големи културни настани што целосно се откажуваат од класично телевизиско емитување и преминуваат на стриминг-платформа. Јутјуб, кој е во сопственост на „Гугл“, има околу две милијарди корисници ширум светот.
Извршниот директор на Јутјуб, Нил Мохан, оцени дека договорот претставува културно партнерство кое има цел да ја слави уметноста и да инспирира нови генерации филмски автори и публика. Од Еј-Би-Си засега се воздржаа од коментар, иако телевизијата го емитуваше доделувањето на Оскарите уште од 1961 година, со краток прекин во периодот од 1971 до 1975 година.
