ЕУ ќе и даде заем на Украина од 90 милијарди евра
Постигнат договор за финансирање на Украина. Лидерите на Европската унија одлучија со заеднички заем од 90 милијарди евра да ја поддржат земјата во наредните две години. Унгарија, Чешка и Словачка нема да учествуваат во помошта...

Лидерите на ЕУ се согласија да обезбедат бескаматен заем од 90 милијарди евра за Украина за да ги задоволи воените и економските потреби во следните две години, но не успеаја да се договорат за користење на замрзнатите руски средства. Во заклучоците од самитот во Брисел, лидерите се согласија дека Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат ослободени од каква било одговорност поврзана со заемот преку механизмот за „засилена соработка“.
„Нашата цел не е да ја продолжиме војната. Всушност, одлуките се клучен придонес за постигнување праведен и траен мир во Украина. Пораката што денес ја испраќаме до Русија е кристално јасна. Прво, не сте ги постигнале вашите цели во Украина. Второ, Европа е со Украина денес, утре и сè додека е потребно. Трето, Русија мора да дојде на преговарачка маса“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Парите ќе бидат позајмени од ЕУ на пазарите на капитал и поддржани од седумгодишниот буџет на блокот.
„Сите споделуваме една јасна цел, праведен и траен мир за Украина – тоа беше мотото на дискусијата. Затоа се собравме со јасна цел да се справиме со итните финансиски потреби на Украина за следните две години. И со големо задоволство можам да кажам дека го постигнавме тоа“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Во меѓувреме продолжуваат дипломатските напори. Претставниците на Трамп утре треба да се сретнат со советникот на претседателот Путин во Мајами за да разговараат за ревидираниот мировен план за крај на војната во Украина. Американскиот претседател ја повика Украина да дејствува брзо кон мировен договор со Русија.
„Се приближуваат до нешто, но се надевам дека Украина ќе дејствува брзо. Знаете, секој пат кога им треба премногу време, Русија се предомислува. 27.000 војници беа убиени изминатиот месец. Сетете се на тоа. Како половина фудбалски стадион да е убиен за еден месец. Мислев дека ова ќе биде полесно. Но, постои шанса да го завршиме ова, можеби наскоро“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Виткоф и Кушнер претходно оваа недела разговараа во Берлин со украинскиот претседател Зеленски, како и со европски претставници.
Маријана Димовска
