ЕУ постигна договор за финансирање на Украина
Постигнат договор за финансирање на Украина. Лидерите на Европската Унија одлучија со заеднички заем од 90 милијарди евра да ја поддржат земјата во наредните две години. Унгарија, Чешка и Словачка нема да учествуваат во помошта.

Лидерите на ЕУ се согласија да обезбедат бескаматен заем од 90 милијарди евра за помош за Украина. Киев ќе почне да го враќа кредитот дури откако Русија ќе и исплати репарации за штетите од инвазијата.
„Пораката што ја испраќаме до Русија е кристално јасна. Прво, не сте ги постигнале вашите цели во Украина. Второ, Европа е со Украина денес, утре и сè додека е потребно. Трето, Русија мора да дојде на преговарачка маса“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
„Сите споделуваме една јасна цел, праведен и траен мир за Украина – тоа беше мотото на дискусијата. Затоа се собравме, со јасна цел да се справиме со итните финансиски потреби на Украина за следните две години. И со големо задоволство можам да кажам дека го постигнавме тоа“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Првичниот план беше потребниот заем да се обезбеди од замрзнатите средства на Русија. Членките не успеаја да ја уверат Белгија дека ќе ја заштитат од каква било одмазда од Москва доколку се користат парите чувани во Клириншката банка во Брисел.
„Замрзнатите средства ќе останат така и на крајот ќе бидат искористени за поправка на штетата што Русија ја предизвика со својата неиспровоцирана и неоправдана војна против Украина. Мислам дека никој во европското семејство не сака да ги види тие пари вратени во Москва“, изјави Барт де Вевер, премиер на Белгија.
За да не дојде до блокада, противниците за новото задолжување на ЕУ, Словачка, Унгарија, Чешка од старт беа ослободени од каква било одговорност поврзана со заемот.
„Европа ја разбра пораката. Европа го демонстрираше својот суверенитет. Ние се спротивставуваме на најголемата закана за безбедносната политика со решителност во Европа“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија
„Ова решение се покажа како најреално и практично за да се осигури дека Украина ги има потребните ресурси за финансирање на своите воени напори до 2026 година“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
На дипломатски план, претставниците на Трамп викендов ќе се сретнат со советникот на Путин во Мајами за да разговараат за ревидираниот мировен план за крај на војната во Украина. Американскиот претседател ја повика Украина да дејствува брзо кон мировен договор со Русија.
„Се приближуваат до нешто, но се надевам дека Украина ќе дејствува брзо. Знаете, секој пат кога им треба премногу време, Русија се предомислува. 27.000 војници беа убиени изминатиот месец“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Виткоф и Кушнер претходно оваа недела разговараа во Берлин со украинскиот претседател Зеленски, како и со европски претставници.
Маријана Димовска
