Магичен крај на „Дијамантската лига“
Со меморијалот “Иво ван Дам“ во Брисел заврши сезоната на „Дијамантската лига“ за 2014 година. Во извонредната атлетска вечер светот ги доби последните 16-мина носители на почестите. Десетина имиња му дадоа блескав сјај на митингот. Најквалитетно и најдраматично беше натпреварувањето во скок во височина. Тоа беше митско натскокнување меѓу Украинецот Бондаренко и Баршим од Катар, во кое победникот се ковеше на височина од светски рекорд.

Победи Баршим со фантастични 2.43 што е втор резултат во атлетската историја. Бондаренко прескокна 2.40. Натпреварувањето заврши со неуспешни скокови на 2.46, еден сантиметар повисоко од актуелниот рекорд на Кубанецот Сотомајор! Ѕвезда во спринтот беше Американецот Џастин Гетлин. Најнапред фуриозно ја истрча „стотката“ со 9.77 на целта во конкуренција на великаните Тајсон Геј, Асафа Пауел, Мајкл Родџерс. Еден час подоцна Гетлин со голема супериорност пролета низ целта на 200 метри со одлични 19.71. Тоа беше настап на Гетлин, кој потсети на славните негови денови од пред десет години на Олимпијадата во Атина.
Францускиот „вселенски летач“ Рено Лавилени не успеа да ја мине магичната граница од 6 метри во скок со стап, но победничките 5.93 се најдобар резултат на светот оваа година на отворено. Кениецот Џариус Биреч со трка под 8 минути ја круниса успешната сезона на 3000 метри со пречки. Французинот Паскал Мартино-Лагард беше побрз од светскиот рекордер на 110 метри со пречки, Американецот Мерит. Меморијалот „Иво ван Дам“ беше величествена завршна атлетска претстава со дури седум најдобри светски резултати во 2014 година.
Носителите на дијамнтските почести од Брисел се следниве:
Мажи:
100м: Џастин Гетлин(САД) 16 бодови
11ом/п: Паскал Мартино-Лагард (Фра) 27
3000м/п: Џариус Биреч(Кен) 28
1500 м: Силас Киплагат (Кен) 16
Скок во височина: Мутаз Еса Баршим (Катар) 20
Скок со стап: Рено Лавилени (Фра) 28
Скок во далечина: Готфри Мокоена (Ј.Афр) 12
Фрлање диск: Пјотр Малаковски (Пол) 22
Жени:
200м: Алисон Феликс (САД) 21 бод
400м: Новлен Вилијамс(Јам) 20
400м/п: Калис Спенсер (Јам) 30
800м: Јунис Сум (Кен) 22
3000/5000м: Мерси Чероно(Кен) 22
Трискок: Катерина Ибаргуен (Кол) 28
Фрлање копје: Барбора Шпотакова(Чеш) 22
Фрлање ѓуле: Валери Адамс (Н.Зеланд) 32