Надминат прагот на алармирање за ПМ10 честички во Скопје, воведени мерки
Прагот на алармирање, кој изнесува 150 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови, е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат. Поради влошената состојба со квалитетот на воздухот, Министерството соопшти дека стапуваат на сила мерки за намалување на загадувањето...

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека е надминат прагот на алармирање за суспендирани честички ПМ10 во Скопје, согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и временската прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.
Прагот на алармирање, кој изнесува 150 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови, е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.
Според официјалните податоци, на 17 и 18 декември, среднодневните концентрации на ПМ10 честички на сите наведени мерни станици биле над дозволените вредности, при што највисоки концентрации се измерени во Лисиче.
Поради влошената состојба со квалитетот на воздухот, Министерството соопшти дека стапуваат на сила мерки за намалување на загадувањето. Меѓу нив се интензивирање на вонредните инспекциски надзори на индустриските инсталации со А и Б интегрирани еколошки дозволи, зголемени контроли на техничката исправност на возилата, особено дизел возилата и нерегистрираните возила, како и засилени контроли на градилиштата. Забрането е и горење на отворено.
Дополнително, се препорачува работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата над 60 години и лицата со хронични заболувања, со препорака од матичен лекар. Се препорачува и реорганизација на работното време за лицата кои работат на отворено, во периодот од 11 до 17 часот, како и да не се организираат спортски и културни настани на отворено.
Министерството апелира граѓаните да ги почитуваат препораките и да го ограничат престојот на отворено, особено чувствителните категории на населението.
