Народна банка

Кредитната активност со раст во ноември 2025 година

19.12.2025 12:26

Податоците за кредитите на физичките лица покажуваат дека во ноември е остварен месечен раст кај потрошувачките и станбените кредити од 0,9% и 1,6%, со годишен раст од 10,5% и 16,5%, соодветно.

Вкупните кредити во ноември бележат раст од 1,3% на месечно и 12,7% на годишно ниво. Зголемувањето е резултат на повисокото кредитирање и кај корпоративниот сектор и кај домаќинствата, при што нешто поголем придонес има корпоративниот сектор, покажуваат најновите податоци од Народната банка за монетарните движења.

Кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 1,5% на месечно и за 14,5% на годишно ниво, главно како резултат на растот на кредитите во денари. Кај домаќинствата, пак, кредитната активност пораснала за 1,1% месечно и 11,1% годишно, со поизразен раст кај денарските кредити.

Податоците за кредитите на физичките лица покажуваат дека во ноември е остварен месечен раст кај потрошувачките и станбените кредити од 0,9% и 1,6%, со годишен раст од 10,5% и 16,5%, соодветно. Во исто време, кредитите по кредитни картички продолжуваат да се намалуваат, додека негативните салда по тековни сметки бележат пораст.

Според Народната банка, вкупните депозити во ноември се зголемени за 0,3% на месечна и за 11% на годишна основа. Најголем придонес кон овој раст имаат депозитите на домаќинствата, а во помала мера и депозитите на корпоративниот сектор.

Паричната маса во ноември годинава забележала месечно зголемување од 0,1%, додека на годишна основа е остварен раст од 11,2%. Растот главно произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити и готовите пари во оптек.