Култура

„Мало и моќно – Големото влијание на уметноста од мал формат“: Студентска изложба на ФЛУ Скопје во Сули ан

19.12.2025 21:07

Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја најавува студентската изложба „Мало и моќно – Големото влијание на уметноста од мал формат“, која свечено ќе биде отворена на 22 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во Сули ан...

Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја најавува студентската изложба „Мало и моќно – Големото влијание на уметноста од мал формат“, која свечено ќе биде отворена на 22 декември 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во Галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во Сули ан.

Изложбата, која континуирано се реализира уште од 1990-те години, претставува значаен и долгогодишен проект на Факултетот за ликовни уметности, посветен на истражување на односот помеѓу форматот и идејата, дисциплината и слободата на уметничкиот израз. Таа се одвива во автентичниот амбиент на Сули ан, споменик на културата и простор во кој минатото и современоста се среќаваат и надополнуваат.

На изложбата се претставени дела од студенти од сите четири години на Катедрата по графика и трансмедиумски практики, како и од студенти од вториот циклус на студии на истата катедра на Факултетот за ликовни уметности. Преку класични и експериментални графички техники, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со различните уметнички пристапи, лични поетики и креативни истражувања на младите автори.

Изложбата има за цел да ги афирмира изразните потенцијали на малиот формат во современата ликовна практика, покажувајќи дека токму во малото често се крие најголемото влијание. Таа ќе биде отворена за посетители секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, до 15 февруари 2026 година, и е од продажен карактер. Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.