Сторија

Живот на маргините на општеството

21.12.2025 15:54

Во пресрет на Нова година, кога едни размислуваат каде да ги поминат празничните денови, други размислуваат како да го поминат денот и да го обезбедат најосновното за своето семејство. Семејствата во социјален ризик, живеат на маргините на општеството.

Во малата и пред распаѓање куќа, во една соба, без дневна светлина и субстандардни услови. Со страв и неизвесност деновите ги поминуваат, две 15 годишни близначки, нивниот постар брат и мајката која боледува од хронична астма. Зад двете деца кои се со попреченост. Од неодамна им е укинат и посебниот додаток, единствени примања кои ги имаат, е социјалната помош од 7.000 денари - кои не се доволни ниту за секојдневните потреби за храна и лекови.

20 годишниот Јован, не бара подарок за Нова година, тој единствено што сака е да најде работа за да може да му помогне на своето семејство, како и услови за нормален достоинствен живот.

Најголема поддршка добиваат од хуманитарната организација „Утешител“ која преку целата година им помага со храна, лекови и парични средства. Но на ова семејство, заборавено од институциите, му е потребен дом, каде ќе можат безбедно да го поминуваат, и така тешкиот живот.

Додека многумина ја градат својата иднина во услови на стабилност, голем број семејства во социјален ризик, тешко излегуваат на крај со животот. Без глас и поддршка од државата, единствено надежта за подобар живот ја пронаоѓаат во помошта од хуманите граѓани.

Оваа сторија потсетува дека солидарноста и хуманоста се неопходни особено кога животот станува сурово тежок.

Александра Максимовска