Славески- Габриел: Соработка за одржливо финансирање и зелена трансформација
Гувернерот Славески истакнал дека Народната банка, во рамките на своите надлежности, спроведува активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени, преку мерки за континуирано јакнење на отпорноста на банките...

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари работна средба со постојаниот претставник на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во земјава, Бјорн Габриел, на која беа разгледани тековните и идните активности и поддршката што Европската инвестициска банка ѝ ја обезбедува на државата.
Фокусот на разговорите бил ставен на реализацијата на клучни проекти насочени кон остварување на глобалните цели за одржлив развој, со акцент на поттикнување одржливо финансирање и зелена трансформација на економијата.
Гувернерот Славески истакнал дека Народната банка, во рамките на своите надлежности, спроведува активности за зголемување на свесноста за последиците од климатските промени, преку мерки за континуирано јакнење на отпорноста на банките. Како што нагласил, крајната цел е поддршка на приватниот сектор во насочување на расположливите средства кон одржливи инвестиции.
Славески и Габриел ја потврдиле заедничката определба за продлабочување на партнерството меѓу Народната банка и Европската инвестициска банка, со цел поттикнување одржлив и инклузивен економски развој на земјава.
