33 осомничени за наместен тендер
Освен поранешниот функционер на ДУИ, Бујар Дардишта, уште 32 физички и две правници лица се осомничени со акцијата за економско – финансиски криминал. Се гонат за наместен тендер. Поднесена е кривична пријава. Неколкумина се во притвор, двајца во бегство. Вредноста на испраните пари проценета на 2 милиона евра...

Освен поранешниот функционер на ДУИ, Бујар Дардишта, уште 32 физички и две правни лица се осомничени во големата акција на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за наместен тендер во ЕСМ дистрибуција на тендерот. Од Обвинителството велат дека буџетот на компанијата бил оштетен за над 7,6 милиони евра.
„Лицата договориле на огласот за јавна набавка да се пријават двете осомничени правни лица од Скопје и од Куманово. Правното лице од Куманово се јавило како економски оператор со непотполна документација и со понуда повисока од понудената цена од правното лице од Скопје, кое понудило речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако вредноста не била објавена во огласот за јавната набавка. Со ова дејствие овозможиле правното лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка.“ - стои во соопштението од ОЈО ГОКК.
Полицијата поднесе кривични пријави. 11 се уапсени. Седуммина завршија во притвор, за шестмина има мерки за обезбедување присуство. Двајца се во бегство. Сите 33 се осомничени за злосторничко здружување, неколкумина и за помагање, поттикнување, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари.
Осомничените се товарат за финансиско-економски криминал и перење пари. Ја оштетиле ЕСМ дистрибуција за 7,6 милиони евра.
Обвинителството смета дека откако успеале да го наместат тендерот се обиделе да ги прикријат трагите, пуштиле во оптек, примиле и пренеле парични средства во вкупен износ од 2 милиони евра. Акцијата беше спроведена на повеќе градови.
Ана Јосифоска
