Граѓаните се гушат, пулмолозите алармираат без потреба да не се излегува надвор
Ослободување од работа на ризичните групи, зајакнување на инспекциските контроли, интензивно миење на улиците – централната власт и Град Скопје со мерки за аерозагадувањето. Концентрациите на штетни честички се неколкукратно над максимално дозволените граници. Граѓаните се гушат, пулмолозите алармираат – без потреба да не се излегува надвор.

Бремените и постарите од 60 години да не одат на работа кога е екстремно загадено, газдите да ги ослободат од работа. Ова се само дел од мерките на Министерството за животна средина поради зголеменото аерозагадување. Се бара да бидат поштедени и оние со астма, луѓето со прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста. Лекарите со апел – граѓаните ако немаат важна работа да не излегуваат надвор.
„Конкретно станува збор периодот рано наутро или доцна навечер. Но, ако мора, нека користат јавен превоз“, велат пулмолозите.
Граѓаните тешко дишат, маглата само ја влоши ситуацијата.
Градоначалникот на Скопје рече проблемот со загадувањето е присутен со децении и не може да се реши преку ноќ, но сетот мерки треба да дадат резултати на долг рок.
Градските власти донесоа мерки – Комунална хигиена зачестено да го мие улиците, да се провери исправноста на уредите за загревање, да се користи јавен превоз, градежната механизација да не се движи во сообраќајниот шпиц. Зајакнуваат и инспекциските контроли.
Од „Зелен хуман град“ бараат трајно решение на проблемот со загадувањето.
Мерните инструменти покажаа дека горната граница е надмината во повеќе скопски општини, но и во повеќе градови низ Македонија.
Поради зголеменото загадување, во сила се мерки во Струмица и во Кичево, а од денеска и во Скопје.
Министерството бара да се засилат вонредните инспекциски надзори.
Борис Грујоски
