Русија

Годишно обраќање на рускиот претседател Путин

19.12.2025 17:48

Киев не покажа подготвеност за територијални отстапки и мир“, рече рускиот претседател Путин, кој денеска ја одржа годишната конференција. Во фокусот војната во Украина, но и економијата.

На настанот „Резултати на годината“, кој Путин го организира во различни формати речиси секоја година од 2001-та, доминираа прашања поврзани со руската економија, нуклеарното оружје и војната во Украина. Киев не покажа подготвеност за територијални отстапки и мир, рече Путин.

„Засега Русија не ја гледа подготвеноста на Киев да ги разгледа територијалните прашања. Тие одбиваат да го прекинат конфликтот со мирни средства. Сепак, гледаме и знаеме за одредени сигнали, вклучително и од режимот во Киев, дека се подготвени да се вклучат во некаков вид дијалог. Отсекогаш сме го кажувале ова: ние сме подготвени и сакаме да го решиме конфликтот со мирни средства, врз основа на принципите што ги поставив во јуни минатата година“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Иако ЕУ не донесе таква одлука, Путин предупреди – користењето на руски средства за финансирање на Украина би претставувало „грабеж“.

„Без разлика што и како ќе крадат, во одреден момент ќе треба да го вратат. Освен тоа, ние ќе ги браниме нашите интереси на суд. Ќе се обидеме да најдеме надлежност која ќе биде независна од политичките одлуки“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Путин го пофали сериозниот напор на американскиот колега Трамп за мир во Украина, но истакна дека руската армија напредува на бојното поле.

Катерина Бојаџиева