Благо зголемување на заболени од грип
Благо зголемување на заболени од грип во Куманово. Испитувањата покажуваат дека во овој период се јавуваат респираторни инфекции и аденовирусите. Очекуваат бројот да расте, особено во училиштата, па затоа апелираат на превентивните мерки.

Постепен раст на бројот на заболени од грип регистрира центарот за јавно здравје во Куманово. Неделава евидентирани 23 случаи, претходната 17. Пикот се очекува во наредниот период, по празниците и стартот на второто полугодие.
„Од почетокот на сезоната односно од 40-тата недела на подрачјето на ЦЈЗ Куманово, опфаќајќи ги тука општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково, вкупно регистрирани се 244 лица, што споредено со истиот период лани, има зголемување за 50 случаи“, изјави д-р Јадранка Стаменковска, началник на епидемиологија ЦЈЗ Куманово.
Анализите покажуваат дека периодов се јавуваат респираторни инфекции, аденовируси.
Најзастапена е возрасната група од 15 до 64 години, но има и заболени деца.
Дел од граѓаните периодов повеќе внимаваат на исхраната, други пак не стравуваат од грипот.
„Повеќе витамини и чаеви, избегнувате контакти, па ретко одам со луѓе, особено зима сега кога фати“, вели еден граѓанин.
„Никако не се заштитуваме“, вели друга.
„Витамини, чаеви, почесто, така тераме“, истакна еден граѓанин.
„Чаеви, зеленчук, храна природа од дома“, вели друга граѓанка.
Освен здрава исхрана, стручни лица препорачуваат и зајакнати хигиенски мерки, избегнување контакти со заболени, но и физичка активност.
Елена Георгиевска
