Сирија

САД извршија воздушни напади врз цели на ИД во Сирија

20.12.2025 12:29

САД извршија воздушни напади врз десетици цели на Исламска држава во Сирија. Таргет на борбените авиони, хеликоптерите и артилеријата, складишта за оружје и други згради за поддршка на операциите. Нападот следи по убиството на двајца американски војници и еден преведувач од исламска држава.

САД извршија одмазднички воздушни напади врз борци, инфраструктура и локации со оружје на Исламска држава во централниот дел на Сирија. Има жртви, меѓу кои е и водач на ќелија за беспилотни летала. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини милитантната група, но ИСИС не ја презеде одговорноста.

„Ги погодивме бандитите на ИСИС во Сирија кои се обидуваа да се прегрупираат. Ги погодивме силно. Минатата недела наредив масовен напад врз терористите што ги убија нашите тројца големи патриоти. Двајца војници, еден преведувач, сите одлични луѓе, и беше многу успешен и прецизен. Беспрекорно погодивме секоја страна и го враќаме мирот преку сила низ целиот свет“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Коалицијата предводена од САД против Исламска држава и претходно извршуваше воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили. По крвавиот напад во Сиднеј на плажата „Бонди“ изведен од лица поврзани со ИСИС, во кој загинаа 15 лица, австралискиот премиер вели дека за таквата идеологијата што ја шири групата нема место никаде во светот.

„Овие напади се директен одговор на нападите на ИСИС врз американскиот одбранбен персонал, а активностите на владата на САД се навремени, брзи и решителни и ние ги поддржуваме тие активности. ИСИС предизвика неописливо страдање низ целиот свет, и директно со активностите што ги презедоа, но и преку нивната зла идеологија што ја шират. А изминатата недела имавме напад инспириран од ИСИС овде во Австралија“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.

Сирија ја повтори својата цврста решеност да се бори против Исламска Држава и да осигури дека „нема да има безбедни засолништа на сириска територија“, вели новото раководство. Сирискиот претседател претходно го поздрави трајното укинување на сеопфатните санкции од САД.

„Посебна благодарност до американскиот претседател Трамп за тоа што одговори на повикот на сирискиот народ, и до членовите на Конгресот за признавањето на жртвите на сирискиот народ и одговарањето на нивниот повик со укинување на санкциите врз Сирија. Исто така, изразувам длабока благодарност до сите арапски, исламски и европски земји кои го поддржаа сирискиот народ за време на нивната војна, а исто така ги поддржаа и во укинување на санкциите во изминатата година“, изјави Ахмад ал-Шара, претседател на Сирија.

Ал Шара го собори долгогодишниот лидер Башар ал Асад кој пребега во Русија. Поранешниот командант на бунтовничките сили, кој некогаш беше на американска потерница со награда од 10 милиони долари за една година успеа да стане првиот лидер што ја посетил Белата куќа, а говореше и во ООН.

Маријана Димовска