Кривичниот законик треба да ги поправи грешките во минатото
Дел од измените на Кривичниот законик, кои беа пред Уставен суд се усогласени и се во собраниска процедура. Од ВМРО ДПМНЕ децидни, нема простор за амнестирање на оние кои го прекршиле законот. Треба да биде донесен до крајот на годинава.

Освен повисоки казни затвор за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење во службата, со поднесените измени од владејачката ВМРО ДПМНЕ, велат се овозможува повторно враќање на злоупотребата во јавните набавки како потешко кривично дело. исто така се воведуваат кривични дела во смисла на функционирање на безбеден град и поригорозни казни на објавување експлицитни слики и видеоматеријали.
„Кога таквото дело можело да доведе непосредно или посредно до имотна корист, ќе се конфискува имотот стекнат во временски период не подолг од пет години пред сторување на делото за кое е осуден со правосилна судска пресуда кога врз основа на сите околности факти и докази судот е уверен дека истото ги надминува законските приходи на сторителот.“- стои во Предлог измените на Кривичниот законик.
Познавачите на кривичното право сметаат дека треба да се почека донесување на законското решение на кое ќе му претходи јавна дебата. Не секогаш, смета универзитетскиот професор Калајџиев треба да се зголемуваат казните.
Според измените за злоупотреба на службената должност се враќа казна затвор од 6 месеци до 10 години. Но, ја нема формулацијата „најмалку 5 години затвор“ која практично го правеше делото речиси незастарливо и исклучуваше условна казна. За најтешките дела поврзани со јавни набавки и огромна штета од 4 до 10 години затвор. Ова е преодно решение велат од ВМРО ДПМНЕ до донесување на законот кој е во подготовка во Министерството за правда.
Фиљана Кока
