комунална хигиена

Казнети фирми за неправилно одлагање отпад

20.12.2025 17:01

Десетици правни лица заработиле казни за несоодветно одлагање отпад. Засега опомени за граѓаните кои фрлаат ѓубре по 22 часот. Градските инспектори во обиколка низ општините.

Десетици правни лица се казнети поради несоодветно одлагање на отпад. Изречени се казни од 1.800 до десетици илјади евра по различна основа. Ова доаѓа по еден месец од стапувањето на сила на одлуката за забрана на одлагање отпад помеѓу 22 и шест часот. Физички лица засега не се казнети, но има десетици опомени – велат од Град Скопје.

Појаснуваат дека целта не е да се казнуваат граѓаните, туку да се подигне свеста за заштита на животната средина. Скопските градоначалници оценуваат дека има дисциплина кај граѓаните. Но, прво треба да се создадат услови каде да го депонираат отпадот, а потоа да се изрекуваат казни-велат некои од челниците на општините.

Граѓаните се придржуваат до одлуката, но некои велат дека само фрлањето надвор од контејнерите треба да биде казниво, а кој кога има време тогаш да може да фрла.

Општина Аеродром започна со мерки за селектирање отпад. Општина Ѓорче Петров има склучено договори со колективни собирачи. Градоначалникот Стојкоски појаснува дека општинските комунални инспектори постојано се на терен.

Целта на одлуката почиста средина и одлагањето да се стави во одредена правна рамка. Долгорочното решение е на ѓубрето да се гледа како на ресурс.

 

Александра Велинова