Локалитетот Врбник во Охридското езеро крие тајни од железната доба

06.09.2014 16:16

На многу поголема површина од Миќовиот град кај Охрид, во струшкиот дел на Охридското езеро , засега недоволно истражена и неафирмирана лежи населбата Врбник, чии корени, според досегашните наоди датираат од железното време. Археолозите ќе продолжат со подводните истраги со цел докрај да ја откријат и културолошката димензија на тогашните жители...

Локалитетот Врбник во длабочините на Охридското езеро кај Струга и натаму актуелен  за подводните археолози од Музејот„Д-р. Никола Незлобински“. Досегашните истраги потврдија дека се работи за најголема подводна праисториска населба во Македонија. Годинава се следеше геолошкиот состав на камените делови од дното на езерото со цел да се проучи дали под денешното тло  има  наоди за постоење на некој друг вид култура.

Во оваа фаза утврдивме барем на оваа позиција и сонда каде што работевме дека тоа е еден стерилен слој каде што нема културни слоеви. Тоа беше за нас од исклучително значење за да можеме следни години да ги префрлиме истражувањата и на останатите сонди кои веќе ги имаме маркирано, рече Сашо Цветкоски, директор на струшкиот музеј.

За археолозите годинава предизвик ќе биде да се симнат уште подлабоко, за да видат  што кријат подводните слоеви. А досегашните истраги говорат за исклучителен локалитет со богата содржина.

Локалитетот Врбник е праисториска наколна населба која е со голема површина и исто така е многу богата со фрагментиран керамички материјал но исто така низ слевите земја можат да се најдат железни, бронзени предмети како што се предмети што ги користеле како оружје, орудиа и предмети за украс, накит, обетки, накит што се користел за коса, вели Никола Паскали, подводен археолог од Охрид.

Истражувањата ќе продолжат и наредната година со цел да се добијат повеќе информации за животот на оваа населба во праисторискиот период.  Досегашните пронајдени артефакти говорат дека во овој подводен локалитет  своевремено, поконкретно во железното време , се одвивал  интензивен живот.

 

Јованчо Наумоски