САД запленија уште еден танкер покрај Венецуела
Американските сили заплениле уште еден, втор по ред, трговски брод што превезувал нафта во меѓународни води покрај брегот на Венецуела. Според првичните извештаи танкерот најверојатно не е на списокот бродови санкционирани од САД. Пред два дена Трамп изјави дека можноста за војна со режимот во Венецуела останува на маса.

Дополнително се заоструваат односите меѓу Вашингтон и Каракас. Американската крајбрежна стража заплени уште еден супертанкер за превоз на сурова нафта. Операцијата доаѓа само неколку дена откако Трамп објави блокада на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела. Владата во јужноамериканската земја ги осуди акциите на САД и вети дека нема да поминат неказнето.
„Крајбрежната стража на САД, со поддршка на Министерството за војна, заплени танкер за нафта кој последен пат бил закотвен во Венецуела. САД ќе продолжат да го гонат нелегалното движење на санкционирана нафта што се користи за финансирање на нарко-тероризам во регионот. Ќе ве најдеме и ќе ве запреме.“, изјави Секретарка за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем.
Од самитот на Меркосур, аргентинскиот претседател изрази поддршка за напорите на САД да се спротивстават на раководството на Венецуела, а воедно повика Николас Мадуро да биде отстранет од власт.
„Транснационалниот криминал, трговијата со дрога и трговијата со луѓе не познаваат територијални граници. Злобната и нехумана диктатура на наркотерористиот Николас Мадуро фрла темна сенка врз нашиот регион. Оваа опасност и овој срам не можат да продолжат да постојат на континентот, или на крајот ќе нè влечат сите нас надолу. Аргентина го поздравува притисокот од Соединетите Американски Држави и Доналд Трамп за ослободување на венецуелскиот народ“, изјави Хавиер Милеи, претседател на Аргентина.
Ваквиот развој на настаните доаѓа откако американскиот претседател Трамп и неговите советници изјавија дека не ја исклучуваат можноста за отворен конфликт со Венецуела. Бразилскиот претседател предупреди дека странска интервенција би можела да го предизвика хуманитарна катастрофа.
„Јужноамериканскиот континент повторно е прогонуван од военото присуство на вонрегионална сила. Границите на меѓународното право се тестираат. Вооружената интервенција во Венецуела би била хуманитарна катастрофа за хемисферата и опасен преседан за светот“, изјави Луис Инасио Лула да Силва, претседател на Бразил.
Од септември, американската војска нападна неколку пловила кои наводно превезувале дрога, при што се убиени околу 100 луѓе. САД го обвинија венецуелскиот претседател Мадуро дека го води „Картелот на сонцата“, означен како терористичка организација. Трамп дополнително ја засили реториката кон Мадуро и предупреди дека деновите на власт на долгогодишниот венецуелски лидер се избројани.
Маријана Димовска
