Продуктивни разговори за крај на украинската војна
Американската делегација оценува дека одделните разговори во Мајами, меѓу претставниците на Русија и Украина поминале конструктивно. Зеленски потврди дека на маса биле безбедносните гаранции и реконструкција на земјата по војната. Во меѓувреме, руски генерал е убиен од експлозивна направа детонирана под неговиот автомобил во јужна Москва. Истражителите не ја исклучуваат можноста за вмешаност на украинското разузнавање …

Оптимистички тонови од САД по разговорите со руски и украински претставници во Мајами. Специјалниот претставник Виткоф уверува дека дебатата за ревидираниот мировен план во последните два дена била продуктивна и конструктивна. Претходно Кремљ ја негираше можноста за трилатерални разговори меѓу Украина, Русија и САД, и покрај тоа што Зеленски откри дека Вашингтон предложил таков формат.
„Во текот на последните два дена во Флорида, рускиот специјален претставник Кирил Дмитриев одржа продуктивни и конструктивни состаноци со американската делегација за да го унапреди мировниот план на претседателот Трамп за Украина. Русија останува целосно посветена на постигнување мир во Украина. Русија високо ги цени напорите и поддршката на Соединетите Американски Држави за решавање на украинскиот конфликт и повторно воспоставување на глобалната безбедност“, објави специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.
Клучните европски советници за национална безбедност, исто така, се приклучија на дискусиите за усогласување на заедничкиот пристап меѓу Украина, САД и Европа. На состанокот во фокусот беа четири документи, понатамошен развој на планот од 20 точки, усогласување на позициите во рамката за мултилатерални безбедносни гаранции, рамката за безбедносни гаранции на САД и планот за понатамошен економски развој и просперитет.
Работата на документите за завршување на војната, за безбедносните гаранции и за реконструкцијата е во тек – тие детално ја разгледуваат секоја точка и има конструктивен ангажман со американската страна. Ова е важно. Тие исто така разговараат за времето – можни временски рамки за конкретни одлуки. Очекувам извештај од Рустем Умеров и Андриј Хнатов за деталите од дискусијата“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Москва обвини дека Руски генерал е убиен од експлозивна направа детонирана под неговиот автомобил во јужна Москва. Руските истражители велат дека не ја исклучуваат можноста за вмешаност на украинското разузнавање. Безбедносната служба на Украина ја презеде одговорноста за сличен напад врз висок руски војник во декември 2024 година.
„Рускиот истражен комитет отвори кривична постапка во врска со автомобил-бомба во Москва, во која беше убиен началникот на Дирекцијата за оперативна обука на Генералштабот на руските вооружени сили. Се истражува убиството. Една од нив е дека злосторството е оркестрирано од украинските разузнавачки служби“, изјави Светлана Петренко, портпаролка на Истражниот комитет на Русија.
Изминатиот викенд Русија ги интензивираше нападите низ Украина, насочени главно кон јужните региони, вклучувајќи ја и Одеса.
Маријана Димовска
