Македонија

Македонија трета по убиства на жени

22.12.2025 13:47

Македонија се наоѓа на третото место во Европа по бројот на убиства на жени од нивните партнери, покажуваат податоците на Еуростат за 2023 година. На еден милион жители во нашата земја се регистрирани 6 фемициди, веднаш зад Латвија и Литванија...

Македонија се наоѓа на третото место во Европа по бројот на убиства на жени од нивните партнери, покажуваат податоците на Еуростат за 2023 година.

На еден милион жители во нашата земја се регистрирани 6 фемициди, веднаш зад Латвија и Литванија. Зад нас е Босна и Херцеговина, Австрија, Велика Британија и Украина. Ниска е стапката во Грција и Црна Гора, а во Малта нема ниту еден фемицид. Според Еуростат двојно поголем е бројот на убиени жени од нивните партнери, отколку мажи.

Овие податоци се слични како и на оние на Министерството за внатрешни работи, кои ги полнат речиси секојдневно билтените. Податоците покажуваат дека, во периодот од 2018 до 2023 година, извршени се вкупно 6.242 кривични дела за семејно насилство и тоа: убиство 33 дела, убиство во обид 14, телесна повреда 3.792, тешка телесна повреда 155, присилба 38 дела, загрозување на сигурноста 2.179, против правно лишување од слобода 29 дела и посредување во вршење на проституција 2 дела.