Град Скопје

Ѓорѓиевски ја презентираше Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје

22.12.2025 13:37

Според најавите, стратегијата има за цел напуштање на концептот на зоолошка градина како место исклучиво за забава и нејзино прераснување во „училница на отворено“, каде посетителите, особено децата, ќе стекнуваат знаење, свест и емпатија кон природата и биодиверзитетот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја презентираше Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која започнува ново поглавје во развојот на оваа институција. Документот поставува амбициозна визија за трансформација на Зоолошката градина во современ центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните, усогласен со највисоките европски и меѓународни стандарди.

Според најавите, стратегијата има за цел напуштање на концептот на зоолошка градина како место исклучиво за забава и нејзино прераснување во „училница на отворено“, каде посетителите, особено децата, ќе стекнуваат знаење, свест и емпатија кон природата и биодиверзитетот.

Клучен столб на документот е трансформацијата на Зоолошката градина во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и обезбедени услови за хуман третман. Со тоа, како што беше истакнато, Скопје ја презема моралната обврска да обезбеди дом за животните кои не можат самостојно да опстанат во природата.

Стратегијата предвидува и целосна усогласеност со строгите стандарди на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (EAZA), со цел Зоолошката градина во Скопје да стане полноправна членка. Ова подразбира високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и зголемена безбедност и одржливост.

Во рамки на стратегијата се планира и сеопфатна модернизација на Зоолошката градина, подобрување на условите за животните, посетителите и вработените, воведување енергетски ефикасни решенија, нови содржини и зголемена безбедност. Меѓу предвидените новини е и отворање центар за хипотерапија за деца со посебни потреби.

„Со овие чекори, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде науката и грижата за животот се среќаваат“, порача градоначалникот Ѓорѓиевски, повикувајќи ги институциите, граѓанскиот сектор и бизнис-заедницата да се вклучат во реализацијата на стратегијата.