Американската амбасадорка Агелер заминува од Македонија
Амбасадата нагласува дека ќе продолжи да работи нормално во текот на овој процес...

Амбасадорката Анџела Агелер е меѓу дипломатите од кариера кои се отповикани како дел од неодамнешната одлука на претседателот Доналд Трамп, која опфати смена на околу 30 амбасадори на САД.
„Длабоко сме и благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи“, се вели во изјавата на Американската амбасада за МИА.
Амбасадата нагласува дека ќе продолжи да работи нормално во текот на овој процес.
Администрацијата на САД отповикува речиси 30 дипломати од амбасадорски и други високи позиции во амбасадите во светот. Стејт департментот одби да коментира за конкретни бројки или амбасадори кои се засегнати, но ги бранеше промените, нарекувајќи ги „стандарден процес во секоја администрација“.
Во Африка се отповикуваат амбасадори од 13 земји. Од азиско- пацифичкиот регион, се менуваат амбасадори во шест земји. Од европските држави, покрај во Македонија, отповикани се и амбасадорите во Црна Гора, Словачка, Ерменија.
Според светските агенции, Трамп се обидува да го преобликува американскиот дипломатски став во странство, со персонал кој не е од ерата на Бајден и за кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на САД- „Америка на прво место“.
