Оценката на Фич поттик за нови странски инвестиции
Фич пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Македонија. Ова според надлежните е големо признание за економските политики...

Фич уште еднаш го потврди кредитниот рејтинг на Македонија - ББ плус со стабилна перспектива. Главни предности се макроекономската политика и условите за водење бизнис, високиот раст на БДП од 3,9 насто во првиот квартал од годинава.
„Оваа оценка на Фич ќе помогне да се задржи и добриот имиџ на Република Македонија кај инвеститорите. Инвеститорите внимателно следат што е оценката на Фич, на Стандард и Пурс и на слични агенции и од тој аспект очекувам и натаму ова да стане поттик за нови странски инвестиции, како и можност Република Македонија да добива меѓународни финансиски средства по поволна цена“, рече вицепремиерот Зоран Ставрески.
Меѓународната агенција Фич со прогноза дека економијата во 2014 ќе порасне за 3,5 проценти. Забележано и намалување на невработеноста. Во извештајот се вели дека државниот долг е на умерено ниво, во тек се големи инфраструктурни проекти, има постојан влез на странски директни инвестиции, нотиран е раст на извозот. Формирањето слободни економски зони, според кредибилната меѓународна агенција, ќе донесе нови странски инвестиции.
„Тоа што инвестираме многу во инфраструктурни проекти и помага на домашната економија. Фич, исто така, ја истакнува и стабилноста на фискалниот сектор, на јавните финансии, ефикасното трошење на средствата во делот на капитални проекти, како и добрата бизнис-клима. Сите тие работи се позитивни и потврдуваат дека Македонија здраво ги има поставено економските политики“, додава Ставрески.
Фич пет години по ред го потврдува стабилниот кредитен рејтинг на Македонија. Ова според надлежните е големо признание за економските политики ,земајќи го предвид намалувањето на кредитниот рејтинг на повеќето држави на ЕУ, Русија и Турција!
Фич прогнозира дека Македонија, во иднина ќе продолжи со стабилната фискална и монетарна политика, условено со закрепнувањето на ЕУ.
Наташа Гркова-Петрушевска
