посета

Министерката за надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали во официјална посета на земјава

22.12.2025 18:10

Во официјална посета на Македонија, шефицата на албанската дипломатија, Елиса Спиропали. На средбата со нејзиниот домаќин, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски потврдени заложбите за членство во Европската унија, без наметнување на билатерални прашања...

Наш државен интерес е изнаоѓање решение за спорот со Бугарија, смета шефот на дипломатијата Муцунски, потенцирајќи дека кај европските институции и земјите-членки постои сè поголема свест за специфичноста на македонскиот случај, кој не може да се споредува со ниту еден друг во поновата историја на интеграциите. Македонскиот министер за надворешни работи категоричен-за напредокот кон европскиот пат потребна е некоја форма на институционална гаранција за заштита на македонскиот идентитет, јазикот и историјата.

Албанија го поддржува европскиот пат на Македонија, не само поради тоа што двете земји се партнери, туку затоа што држава со јаки институции е сигурност за целиот регион, посочи албанската министерка. Спиропали додаде дека европската интеграција е приоритет број еден во надворешната политика на Албанија, каде за 13 месеци се отворени 34 поглавја, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

„Географијата не постави како соседи, историјата не научи да бидеме пријатели, а економијата на двете земји прави партнери“, заедничка порака на двајцата министри за надворешни работи.

 

Игор Панов