Аерозагадување

Влажноста на огревното дрво, најголем непријател на чистиот воздух

22.12.2025 18:51

Битолчани викендов останаа затворени во своите домови. Градот повторно на мапата на најзагадени градови во земјава. Покрај сообраќајот и индустријата, огревното дрво и натаму останува најголем загадувач на воздухот. Експертите проблемот го гледаат во високата влажност на огревното дрво кое го користат домаќинствата…

Градот под Пелистер со години се соочува со високо аерозагадување во зимските месеци. Податоците од мерните станици викендов повторно го вклучија алармот. Повеќекратно зголемена концентрации на штетни ПМ честички, екстремно го загадија воздухот. Како најголем проблем експертите го посочуваат квалитетот на огревното дрво и неговата преголема влажност.

Споредбено со минатото, огревното дрво како реагенс ја намалува својата примена, но сè уште го има примарното место во загревањето на домовите.

45% од граѓаните од пелагонискиот регион, како главен уред за загревање на домот користат шпорет или котел на дрва, на второ место се клима уредите со 38%, покажува истражувањето на „Геосфера“.

Поголемиот дел од граѓаните викендот останаа затворени дома, велат загадениот воздух лошо влијае на нивното здравје и им го отежнува секојдневието. Како најголем загадувачи ги посочуваат автомобилите и индустријата.

Од локалната самоуправа најавуваат засилени инспекциски контроли и мерки за намалување на загадувањето.

Александра Максимовска