Ново сивило на европскиот економски хоризонт!
По силното заздравување, сите економии од централна Европа почнуваат да забавуваат...

Европа се соочува со ново сивило на економскиот хоризонт. По кризите од 2008-та и 2010-та, кои беа резултат на банкарското инвестициско лудило, каменот на сопнување на штотуку воспоставениот раст е украинската криза. Стариот континент ниже лоши економски показатели, истовремено притискајќи ја Русија со нови санкции, во очекување на спроведувањето на мировниот план. До сега најсилната економска алка, Германија, забележа пад на БДП-то од 0,2 проценти за втората половина од годинава и севкупно послаб резултат од очекуваниот, а Италија западна во трета рецесија.
„Како дел од меѓународните предизвици, имаме полни раце со прашања како да создадеме поголем раст, да отвориме работни места и да донесеме инвестиции во Еврозоната, но и во ЕУ“, вели канцеларката на Германија, Ангела Меркел.
По силното заздравување, сите економии од централна Европа почнуваат да забавуваат. Индустриската активност втор месец по ред се намалува во Полска, а Чешка и Унгарија стагнираат. Ваквата економска клима може да има катастрофално влијание врз единствените светли точки – Шпанија, која забележа раст на извозот, но и Грција која првпат по 6 години забележува позитивна стапка на раст.
„Годинава Грција застана на свои нозе. Уште е кревка, но стои. Имаме уште проблеми, но ги решаваме еден по еден, проблеми што не се решавале со децении“, вели Андонис Самарас, премиер на Грција.
Според експертите, ова е само почеток на влијанието на економските санкции и тешко е да се пресмета нивното влијание до крај. Дел од европските лидери спасот го бараат од Европската централна банка, која веќе имплементираше нови финансисики операции и најавува дека е подготвена да помогне и повеќе. Во меѓувреме, индексите на европските берзи паѓаат, а исто и вредноста на еврото во однос на доларот. На кризата не е имуна ниту Русија, но според експертите, за сега Москва се држи подобро во целата ситуација.
Ивана Салтировска
