Руско - украински конфликт

Мировните преговори за крај на војната во Украина блиску до конечен договор

23.12.2025 09:36

Основниот пакет нацрт-документи, како дел од мировниот план за завршување на војната во Украина е подготвен, вели Зеленски. Дел од 20-те точки се безбедносните гаранции меѓу Украина и партнерските земји и нацрт-документот за обнова на земјата. Во меѓувреме, не запираат воздушните напади...

Основните нацрт-документи за ставање крај на војната во Украина се подготвени, изјави Зеленски. Договорот од 20 точки предвидува безбедносни гаранции меѓу Украина, европските партнери и САД, вклучувајќи билатерален документ кој ќе го разгледа американскиот Конгрес. Некои точки сè уште бараат преговори, откри Зеленски, иако како што рече, ниедна страна нема да добие се што сака. Оптимист е дека преговорите се блиску до резултат, ако Русија јасно покаже подготвеност за крај на агресијата.

„Направена е голема работа пред сè на документите што се однесуваат на безбедносните гаранции, како и на 20 точки од главниот документ – основната рамка што ја дискутираа украинската и американската делегација. Важно е американската страна да може да добие одговор и од Русија – вистинска подготвеност на оваа држава да се фокусира на нешто друго освен на агресија“, посочи украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Териториите остануваат клучна пречка-открива Вашингтон. Без многу детали за следните чекори и рокови, Трамп упати оптимистички тонови-разговорите течат добро.

„Разговорите се во тек. Знаете постои огромна омраза меѓу овие двајца лидери-Путин и Зеленски, огромна омраза. Но, се надевам дека ќе можеме да го завршиме тоа. Разговараме и разговорите течат добро“, истакна американскиот претседател, Доналд Трамп.

Во истовреме, Москва испрати сигнали дека е подготвена преку правен договор да потврди дека нема намера да ја нападне ниту Европската Унија, ниту НАТО.

„Ние нема да ги напаѓаме земјите од ЕУ и НАТО. Дури сме подготвени да го ставиме ова во писмена форма, правно во контекст на потенцијално решавање на сегашната криза врз основа на принципот на еднаква и неделива безбедност“, изјави Сергеј Рјабков, заменик-министер за надворешни работи на Русија.

Наспроти дипломатијата, Русија со нови масовни напади врз Киев и енергетска инфраструктура на западот од земјата. На удар и јужниот град Одеса-клучен за Москва во обидите да го блокира пристапот на Украина до поморската логистика. Поради рускиот напад, подигнати полски и авиони на НАТО за безбедноста на полскиот воздушен простор.

Бојана Крстевски