САД ќе ги задржат запленетите бродови и нафтата
Американската армија нападна уште еден брод во Источен Пацифик. Трамп порача дека ќе ги задржат и нафтата и запленетите бродови. Тој објави и планови за изградба на нови модерни воени пловила, нарекувајќи ги „златна флота“. Национално собрание на Венецуела, пак, го одобри предлог – законот против пиратство. Свикан е состанок на Советот за безбедност поради тензиите меѓу Вашингтон и Каракас...

Американската армија нападна уште еден брод под сомнение дека шверцува дрога во источниот дел на Тихи Океан. Нападот, во кој загина едно лице е дел од поширока кампања наречена операција „јужно копје“, за која администрацијата на Трамп тврди дека има за цел сузбивање на трговијата со дрога. Американскиот претседател порача дека ќе ги задржат нафтата и запленетите бродови. Се заканува со можна копнена интервенција против владата на венецуелски колега.
„Имаме формирано масовна флота-најголемата што некогаш сме ја имале. Мадуро може да прави што сака. Ако сака да направи нешто, ако игра грубо, тоа ќе биде последниот пат да може да игра грубо“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Венецуелското Национално собрание одобри предлог-закон против пиратство, со кој се криминализираат дејствија што ја загрозуваат слободата на навигација и трговија. Мерката е со цел да ја заштити економијата и националниот суверенитет. Претседателот Мадуро го поздрави законот, критикувајќи ја политиката на Трамп.
„Целта на законот е да се спроведат светските конвенции за спречување на напади врз бродови, пиратство и сите злосторства против меѓународната трговија. Трамп би се справил подобро со светот ако се фокусира на проблемите во својата земја, бидејќи не може 70 проценти од неговите говори и изјави да бидат за Венецуела“, изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.
Советот за безбедност на ОН со итен состанок за тензиите меѓу Вашингтон и Каракас. Во меѓувреме, Трамп објави план за изградба на нови модерни воени пловила, нарекувајќи ги златна флота.
Катерина Бојаџиева
