Кривичен Суд

Судско рочиште за прегазувањето на Југослав Николовски во пешачката зона во Градскиот парк во Скопје

23.12.2025 18:17

Во Кривичниот суд – завршни зборови во процесот за прегазувањето на Југослав Николовски, во кого во пешачка зона во Градскиот парк удри мотоциклист, при што тој го загуби животот. Семејството обвинето во тага и гнев, побара правда. Одбраната на обвинетиот, пак, повика предвид да се земе признанието вина...

Се надеваме дека ќе донесете соодветна и правична пресуда за нашиот Југо, со овие зборови сопругата на прегазениот скопјанец Југослав Николовски се обрати пред Кривичниот суд, на завршните зборови од главната расправа.

Обвинителката истакна дека станува збор за тешко кривично дело со висок степен на вина и побара казната да обезбеди правична сатисфакција за загубениот човечки живот, но и да влијае врз спречување на вакви постапки во иднина. Никој од нас веќе не се чувствува безбедно на улица, рече таа. Нагласи дека семејството на жртвата се наоѓа во тешка психичка состојба, а особено една од неговите ќерки, која поради стресот го загубила бебето во третиот месец од бременоста. Правда побараа и децата на жртвата.

Се обрати и бранителот на обвинетиот Љури кој побара индивидуализација на казната, односно таа да биде адекватна на личноста на обвинетиот, неговите околности, видот на кривичното дело и фактот што истиот призна вина. Се обрати и обвинетиот кој рече дека станува збор за незгода за која му е навистина многу жал.

Одбраната на обвинетиот од судот побара да се земат предвид сите околности и фактот што тој призна вина. Николовски беше прегазен во пешачка зона пред својот дом од страна на Фатон Љури, кој управувал мотоцикл, без возачка дозвола и со неприлагодена брзина. Тој ја призна вината за едно од двете кривични дела за кои е обвинет, тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот, но не и за неукажување на помош на повредениот кој подоцна почина.

 

Марија Котовска