Во Боливија полицијата тепа деца што бараат работа

19.12.2013 16:03

Дојдоа со играчки во рацете, но беа пречекани со пендреци. 150 деца се судрија со боливиската полиција пред Парламентот во Ла Пас. Протестираа против измените на законот за труд – забрана за работа на деца помали од 14 години. Некои не беа повисоки од метро и жилет, но бараа да им се дозволи да работат, ако е доброволно. За нив тоа не е експлоатација, туку опстанок.

„Мораме да работиме за да им помогнеме на родителите. Имам три помали братчиња и сестричиња, а сега ќе добиеме и четврто. Родителите немаат пари за се. Моите постари браќа работат и се понезависни. И јас морам да заработам за школување и за малечката сестричка“, објаснуваат малите демонстранти.

Пратениците рекоа – не. И исто како возрасните се обидоа да ги поминат блокадите. Но полициската рака е тешка и не бира каде паѓа. Како да немаат деца, туку гневна толпа пред себе, полицајците ги извадија пендреците и солзавецот.

„Протестираме мирно. Ние сме деца и си ги бараме правата – да не ни ги укинат работните места. Овие гадови употребија солзавец против нас“, обвини едно од децата.

Во сиромашната Боливија  децата уште од најмала возраст им помагаат на семејствата, на плантажите и во работилниците и често се жртвуваат за помалечките. Сметаат дека ако државата им ја одземе работата, тогаш им ги одземала образованието и иднината.

Ивана Салтировска