На што е најисплатливо да се греете?
По најавата на Регулаторната комисија за енергетика, за зголемување на цената на струјата од 1 јануари 2026 година направивме практична анализа – што е најекономично за греење, врз основа на реални бројки, а не проценки...

Еден денар повеќе по киловат-час не звучи многу. Но, кога тој денар се множи со студена зима, со квадратни метри и со секојдневно греење – станува сериозна ставка во семејниот буџет.
По најавата на Регулаторната комисија за енергетика, за зголемување на цената на струјата од 1 јануари 2026 година направивме практична анализа – што е најекономично за греење, врз основа на реални бројки, а не проценки.
Анализата е направена за стан од 50 квадратни метри, новоградба, среден кат, каков што имаат голем дел од граѓаните во Скопје. Таков стан во текот на една грејна сезона троши приближно 3.000 киловат-часови топлинска енергија.
Огревното дрво e најевтината, но и најмалку еколошка опција
Ако се грее на огревно дрво – бука или даб – за оваа квадратура се потребни околу два просторни кубика. Според ценовникот на ЈП „Национални шуми“, тоа би чинело околу 7.900 денари за цела сезона, додека кај приватните трговци, со вклучена достава, цената се движи од 8.200 до 9.500 денари. Огревното дрво останува најевтината опција, но и најмалку еколошка.
Пелетите се почисто и поудобно решение, но и поскапо. За истата сезона потребни се околу 50 вреќи од 15 килограми. Во зависност од цената и потеклото, греењето на пелети чини од околу 10.300 денари, па сè до 18.600 денари за сезона. Разликата ја прави пазарот – домашни или увозни пелети.
Кај централното парно, кое го користат илјадници скопски домаќинства, плаќањето е по просек, а не според реалната потрошувачка. По последната одлука, просечната месечна сметка изнесува околу 2.330 денари, односно околу 13.980 денари за шестмесечна грејна сезона.
Греењето со електрични панели најскапо, инвертер климата најекономично решение
Греењето со греалки или електрични панели е наједноставно, но и најскапо. За ваков стан, сметката за струја би изнесувала околу 19.700 денари за сезона, со дополнителен ризик од влегување во повисок тарифен блок што со новото поскапување од 2026 година може уште повеќе да ја зголеми сумата.
Најекономично решение за ваков тип стан е инвертер климата. Бидејќи не создава, туку пренесува топлина, таа троши и до трипати помалку електрична енергија. Во практика, тоа значи сезонска сметка од 6.500 до 7.000 денари. За новоградба и добро изолирани станови, инвертерот е јасен економски победник.
Ист стан, иста зима – но сметките можат да се разликуваат и по десетици илјади денари. По најавеното поскапување на струјата од 2026 година, одлуката за греење станува уште поважна.
Кај новите и добро изолирани станови, најисплатливо не е она што грее „најсилно“, туку она што грее најпаметно.
Катерина Топалова
