Здравство

Две исклучително сложени микрохируршки операции успешно изведени на Клиниката за пластична хирургија

23.12.2025 15:21

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека ваквите зафати се доказ оти со вложување во знаење и современи техники, резултатите во јавното здравство може да бидат на ниво на најдобрите европски центри, нагласувајќи ја важноста на враќањето на довербата кај граѓаните.

На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија успешно се извршени две исклучително сложени микрохируршки операции, кои траеле од 6 до 12 часа и барале врвна стручност, прецизност и тимска координација. Интервенциите се реализирани под менторство на проф. д-р Јан Јерун Вранкс од Белгија, светски признат експерт за реконструктивна микрохирургија и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека ваквите зафати се доказ оти со вложување во знаење и современи техники, резултатите во јавното здравство може да бидат на ниво на најдобрите европски центри, нагласувајќи ја важноста на враќањето на довербата кај граѓаните.

Директорката на Клиниката, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, оцени дека интервенциите претставуваат значаен чекор напред за развојот на современата реконструктивна микрохирургија во земјава и потврда за стручноста на домашниот медицински кадар.

Еден од пациентите бил подложен на исклучително ретка и комплексна тродимензионална реконструкција на нос по ресекција на тумор, изведена во еден оперативен чин, со употреба на ’рскавица и слободен кожен резен, со микрохируршко спојување на крвни садови.

Од Клиниката информираат дека двата пациенти се во стабилна и добра општа состојба, а успешните интервенции се резултат на работата на мултидисциплинарен тим од пластични хирурзи, анестезиолози и медицински персонал.