Македонија

Реакции по говорот на Сиљановска – Давкова

23.12.2025 17:01

За власта, говор во согласност со националните интереси и со јасно детектирање на слабостите, за опозицијата – признание дека Македонија оди во изолација. Реакции на партиите по обраќањето на шефицата на државата.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, говорот на претседателката го оцени како реално согледување на проблемите и предизвиците со кои се соочува Македонија. За власта, важно е што принципиелниот став на Сиљановска – Давкова се совпаѓа со мислењето на огромното мнозинство граѓани за нашата определба кон европските интеграции.

„Не е проблемот целта, туку неизвесноста на патот кон полноправно членство во ЕУ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Движењето „Знам“ говорот го оцени како фантастичен, зашто претседателката промовирала политика на принципи и вредности, а не само погледи на реал политика. Тие ја поддржуваат определбата на шефицата на државата за добивање гаранции од Европската Унија.

Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче со говорот на претседателката се потврдува дека таа дава поддршка на владата која ја води Македонија кон изолација. Европската приказна за нас е завршена, нема реформи, следува голема криза, рече Филипче. Опозицијата жали што претседателката не застанала на страната на мнозинството граѓани кои сакаат оваа земја да ја видат интегрирана целосно во Европа.

Од „Левица“ пак потенцираа дека кај претседателката давкова недостига визија за развој на државата, партијата препозна бранење на владината агенда, а нереално согледување на политичката состојба во која се наоѓа државата.

Како и секоја година, власта и опозицијата се со дијаметрално спротивни ставови во однос на државната политика што ја води претседателот на државата.

 

Игор Панов