ООН

Дебата во ОН за акциите на САД во и околу Венецуела

24.12.2025 09:00

Постојаниот претставник на Венецуела вели дека нема војна на Карибите, нема меѓународен вооружен конфликт, ниту пак постои немеѓународен, поради што е апсурдно владата на САД да се обидува да ги оправда своите постапки со примена на правилата на војување...

Итен состанок на Обединетите нации поради влошување на тензиите меѓу Вашингтон и Каракас. Постојаниот претставник на Венецуела вели дека нема војна на Карибите, нема меѓународен вооружен конфликт, ниту пак постои немеѓународен, поради што е апсурдно владата на САД да се обидува да ги оправда своите постапки со примена на правилата на војување.

„Убиствата во Карипското Море и Тихиот Океан извршени од Владата на САД во последните неколку месеци се првиот доказ за нејзиниот план да ја наметне својата моќ во регионот, со флагрантно кршење на меѓународното право и човековите права“, изјави Самуел Р. Монкада, постојан претставник на Венецуела во ООН.

„Соединетите Американски Држави не го признаваат Николас Мадуро или неговите соработници како легитимна влада на Венецуела. Претседателот Трамп беше многу јасен дека ќе ја искористи целата моќ на САД за да се справи и да ги искорени овие нарко-картели, кои дејствуваат неказнето на нашата хемисфера предолго и сите го знаат тоа“, изјави Мајк Волц, амбасадор на САД во ООН.

Овој месец, американските сили запленија два танкера што превезуваа венецуелска нафта во меѓународни води. Запленувањата се најновата стратегија во четиримесечната кампања за притисок на американскиот претседател Трамп врз лидерот на Венецуела, Мадуро.