Наплив на болни деца во кумановската болница
Зголемен број на болни и хоспитализирани деца бележи кумановската болница. Сезонскиот грип и настинките го наполнија одделот. Помош веќе бараат и иселениците кои се вратија дома за празниците. Лекарите со апели да се почитуваат препораките …

Наплив на болни деца регистрира кумановската болница. Станува збор за сезонски грип и настинки. Заболените се дечиња од најмала возраст. Има и на кислородна поддршка.
„Во моментот имаме хоспитализирани 35 дечиња повеќето се со температури, симптоми на настинка и грип и со компликации од истите респираторни вирози, бронхити и пневмонии. Најмалото пациентче ни е доенче три недели, две имаме потешко болни деца, едно е на кислородна терапија, другите се стабилни и се надевам дека во побрзо време пред нова година ќе си бидат во своите домови“, вели Маргица Арсовска, педијатар во Детски оддел Општа болница Куманово.
Педијатрите информираат помош особено ноќе бараат и иселениците кои веќе се вратиле за празниците дома.
Помош на дневно ниво бараат до 80 дечиња од североистокот.
Лекарите советуваат родителите навреме да реагираат веднаш кога ќе забележат симптоми. Апелираат болните деца да се изолираат.
„Доколку се настинати и болни со симптоми на настинка, грип, температури, кашлица да не посетуваат градинка затоа што во моментот се актуелни респираторни инфекции, преносливи по капков пат најбрзо се шират во вакви колективи“, дополни началничката на Детскиот оддел.
Апелот на педијатрите е и периодов да се внимава на исхраната, конзумира повеќе здрава храна.
Елена Георгиевска
