Македонија

Николоски: Владата ќе донира 100 нови комби возила за Македонска пошта

24.12.2025 14:24

Како што истакна Николоски, иако Македонија ја следи европската регулатива за поштенскиот пазар, државната пошта се соочува со сериозни предизвици, бидејќи како општествена компанија обезбедува услуги и во услови кога тоа не е исплатливо за приватните оператори.

Владата ќе донира 100 нови возила за Македонска пошта со цел унапредување на квалитетот на услугите и зајакнување на државната пошта на пазарот, најави вицепремиерот Александар Николоски на Јавниот состанок на Агенцијата за пошти.

Како што истакна Николоски, иако Македонија ја следи европската регулатива за поштенскиот пазар, државната пошта се соочува со сериозни предизвици, бидејќи како општествена компанија обезбедува услуги и во услови кога тоа не е исплатливо за приватните оператори.

„Целта ни е да го заштитиме државниот капитал, да ја издигнеме Македонска пошта на поквалитетно ниво и да ја прекинеме праксата на претходните влади кои сакаа да го продаваат државниот капитал“, нагласи Николоски.

Тој најави и законски измени со кои ќе се создадат пофер услови на пазарот, со цел товарот од универзалната услуга да не паѓа исклучиво на државната пошта. Во тој контекст, Николоски посочи дека обврските од Планот за раст на ЕУ, како што се зголемување на ефикасноста и профитабилноста за 15 отсто, не можат да се исполнат без системски промени.

Во следниот месец Владата ќе донира 100 возила – 90 помали и 10 поголеми комби возила, а паралелно се работи и на програма за поддршка во делот на софтверот, сортирките и подобрување на просторните услови во Поштата.

Николоски потенцираше дека е-трговијата ќе продолжи да расте и дека конкуренцијата меѓу поштенските оператори ќе се зголемува. Во моментов на домашниот пазар работат 29 правни лица, од кои 28 приватни пошти и АД Пошта на Македонија како државна компанија со дозвола за обезбедување универзална услуга.