Народната банка ја задржа монетарната политика непроменета, стартува новата оперативна рамка
Од денеска започнува примената на новата оперативна монетарна рамка, која е усогласена со практиките на развиените централни банки и има за цел да го зајакне сигналниот ефект и ефикасноста на монетарната политика.

Народната банка и натаму води внимателна монетарна политика и не врши промени во нејзината поставеност, беше одлучено на редовната седница на Извршниот одбор одржана на 23 декември 2025 година.
Од денеска започнува примената на новата оперативна монетарна рамка, која е усогласена со практиките на развиените централни банки и има за цел да го зајакне сигналниот ефект и ефикасноста на монетарната политика. Како основен инструмент се воведуваат благајнички записи со рочност од седум дена и каматна стапка од 4%, околу која е поставен симетричен коридор од ±0,5 процентни поени.
Народната банка ќе ја прилагодува понудата на седумдневните благајнички записи со цел повлекување на вишокот ликвидност и оптимално управување со ликвидноста во банкарскиот систем. На аукцијата што ќе се одржи денеска, 24 декември, понудата ќе изнесува 43 милијарди денари.
Задржувањето на непроменета монетарна политика е одраз на потребата од понатамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата, динамичната кредитна активност и ризиците од надворешното окружување. Годишната инфлација во ноември се сведе на 4%, што претставува забавување во однос на октомври, но и натаму е над историскиот просек.
Девизниот пазар останува стабилен, а девизните резерви на крајот на ноември изнесуваат 4,86 милијарди евра, што се оценува како соодветно ниво за одржување на стабилноста на денарот.
Економскиот раст во третиот квартал од 2025 година забрза на 3,8% на годишна основа, поттикнат пред сè од домашната побарувачка и растот на инвестициите, иако глобалната неизвесност и геополитичките тензии и натаму претставуваат значаен ризик.
Од Народната банка порачуваат дека ќе продолжат внимателно да ги следат и надворешните и домашните фактори и, доколку е потребно, ќе ги искористат сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок.
