Екокриминал има, но ретко стигнува до суд- потребни се реформи!
Она што го уништува здравјето и го загрозува животот на граѓаните, треба да биде најбрзо санкционирано, но кај нас најтешко се докажува. Тука се дивите депонии, загадувањето на реките, почвата, кои наместо кривично дело, често завршуваат само како отворен предмет или изречен паричен прекршок, па дури и опомена. Иако казните се определени во Кривичниот законик, надлежните инспекциски служби сметаат дека потребен е конкретен закон за екокриминал.

Пожари, токсични реки, диви депонии. Не се инциденти, туку образец од годинава. Зад секој од овие случаи стои потенцијално кривично дело, но во системот, тие често завршуваат како „случај“, не како криминал.
„Дивите депонии, депонијата Вардариште, она фамозно складиште на електронски отпад итн. Има еден куп предмети коишто се активни, што во Обвинителството, што во МВР коишто со досегашниот развој и инфраструктура се бориме максимално ефективно и квалитетно. Мислам дека ние сè уште не сме во фаза како општество и како систем да бидеме подготвени за ефективно и добро постапување за кривичните дела од овој аспект“, вели Јанко Стојановски – главен инспектор во Одделението за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност.
Стојановски признава – МВР работело огромен број предмети, но тие не биле класифицирани како класичен еколошки криминал. Причината е затоа што законската регулатива сè уште се гради.
Додава оти се потребни коренити реформи, зашто екокриминал има, но ретко стигнува до суд. А и кога ќе стигне – често не се препознава како таков.
Ако според систематизацијата се предвидени 639 судии, во моментов во земјава има само 392. Оваа бројка сериозно ја проблематизира специјализацијата во одредена проблематика.
Токму тука се губи екокриминалот – меѓу прекршок и кривично дело. На тоа укажува и Центарот за правни истражувања и анализи, кој веќе подолго време алармира дека процесуирањето е сериозен проблем.
Според нивните истражувања, во периодот 2021 – 2024 година:
- 56% од случаите се незаконит риболов
- 30% мачење на животни
- 19% узурпација на животни
- 11% пустошење на шума
- само 7% – загадување на животната средина
„Зошто немаме кривични дела во областа на пожарите? Заради тоа што тие се подведуваат под начелата на предизвикување на општа опасност, а не под делот на предизвикување пожар. Ситуацијата со пожарите е уште поспецифична, бидејќи бевме сведоци во неколку наврати на опожарени подрачја понатаму да никнуваат нови градби“, изјави Никола Јовановски – центар за правни истражувања и анализи.
Пустошењето на природата и загрозувањето на човековото здравје, мора да бидат приоритет, но изгледа не од догодина.
„Буџетот оваа година е 37 милиони денари. Догодина е намален за 2 милиона денари. За споредба – инспекторатот во Словенија има буџет од 10 милиони евра, што е повеќе и од целото наше Министерство за животна средина“, вели Дарко Блинков – државен инспекторат за животна средина.
Со 13 инспектори, со намален буџет и без специјализиран систем, екокриминалот останува меѓу природата и правдата. И најчесто – непроцесуиран.
Катерина Топалова
