Форум

„И дома се успева“ – Форум на повратници од странство

24.12.2025 17:35

Годинава има најмалку баратели за заминување од земјава, а најмногу за да се вратат дома. Во владата денеска се одржа форум на повратници од странство во Македонија. Враќањето не е симболично, тоа е порака дека татковината не е заборавена и корените не се пресечени, рече премиерот Мицкоски. На форумот и предлог-национална кампања за стекнување државјанство на сите Македонци по род, а родени надвор од државата.

Инспиративни приказни за успесите на повратниците и нивниот професионален развој во татковината на Форумот за повратници во Владата. Една од нив е и Ана Дуковска која по 17 години поминати во САД се враќа во Македонија. Таа предложи Национална кампања за стекнување на македонско државјанство за сите Македонци, родени надвор од државата. И брачниот пар Томашевски се враќаат дома откако им се родила ќеркичката. Искуството стекнато во странство го пренесуваат тука. Отвориле фирма за лидерска регрутација и задоволни се од развојот на бизнисот.

„Денес сум повторно дома не да бидам товар на државата, туку ресурс. Не се вратив да барам, туку да допринесам. Работам за Американска компанија, како сметководител, но од мојот дом во Македонија. Со странски примања, а со секојдневна потрошувачка тука“, изјави Ана Дуковска.

Македонија ги повикува своите иселеници да се вратат и да бидат дел од нејзината иднина, порача премиерот Христијан Мицкоски. Нагласи дека државата има потреба од своите луѓе, без разлика каде живееле и каде работеле, особено од оние кои стекнале знаење и искуство во странство.

„Влада, обврска им е да создадат услови, да обезбедат стабилност, правна сигурност, поддршка за инвестиции и јасна насока за развој“, рече Мицкоски.

Годинава има најмалку баратели за отпис од македонско државјанство и најмногу баратели за поврат на македонско државјанство во изминатите 25 години-посочи премиерот. Додаде дека треба да се работи и на полето на демографијата, односно наталитетот, бидејќи, како што истакна, во спротивно и Македонија како и ѝ другите земји во Европа и светот ќе станат музеи.

Марина Стојанова-Тонева